Натали Рајчиновска-Павлеска (1982) е доктор на науки – уметности и медиуми, независен истражувач во областа на современите уметнички практики, ликовната критика и теоријата, предавач на предметот Историја и теорија на уметноста на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Скопје. Автор е на монографски дела, уметнички книги за курирани групни и самостојни изложби. Објавува научни трудови во меѓународни списанија, активно ја следи ликовната сцена и објавува критики во дневниот печат. Таа е член на македонската секција на АИКА и на Македонскиот национален комитет на Меѓународниот совет на музеите ИКОМ. Учествува на бројни симпозиуми во земјата и странство. Нејзиното истражувачко искуство, базирано на хуманистичките науки и филозофијата, вклучува трансдисциплинарен пристап, транспонирање и вкрстување на актуелните теоретски струи и книжевни референтни системи, историско присуство и современа уметничка практика, социјална динамика и институционални контексти.