Станко Павлески e роден 1959. во Ерековци, Прилеп, Македонија. Факултет за ликовни уметности завршува во Скопје во 1984 година. Магистрира на Факултетот за ликовни уметности во Белград во 1992 година. Професор е на Факултетот за ликовни уметности во Скопје.

  • Адреса: Македонска преродба 100, 1000 Скопје, Република Македонија.
  • E-mail: pavleskis@gmail.com

Тој се изразува во областа на скулптурата, проблематизирајќи со минимализмот и неоминималистичките искуства, сведувајќи ја до знак, локација за имплементирање на материјални и нематеријални содржини, или амбиент. Особено е значајно да ги споменеме неговите изложби: Архитектони од 1991. во Музејот на современата уметност во Скопје; во 1993. во галеријата Стоби во Скопје, изложбата Обредни или за тишината, а од 1998. во музејот на Градот Скопје, неговиот скулпторски амбиент Барок во едното, посочени од критиката како силни авторски остварувања.

Во нео/пост/концептуалните остварувања по 2002., дела засновани во прв ред на книги и брошури, но и различни акции во природа, инсталации, перформанси проследени со документарни фотографски, видео и аудио записи, како и куси раскази, тестирајќи ја рамката на уметноста, ќе реализира и неколку книги (нарација и тело), своевидно презентирани како самостојно дело или, пак, користени во скулпторската целост на делото: Ненапишана книга до посредувачот (2002); Книга над кориците: Моја антологија – македонската уметност и критика: 1954-2004 (2004); Проект Предговор – Како да напишам добра критика како што пишуваат ликовните критичари (2005, со превод на англиски); Јас Птоломеј МКД & Н. В. Ништото (2009, со превод на англиски) и Пишувана уметност (Токму проект, 2011, раскази). Нему книгата му е и тело со иманентен акумулациски капацитет. Ја поставува, заробува, разложува…, во телото или просторноста на уметничкото дело. Во 2012 ги заокружува овие истражувања со изложбата Издавачка куќа О.Е.О: 2002 – 2012, реализирана во МСУ – Скопје.

Творештвото на Павлески е позитивно вреднувано и е значајно за уметничките текови во Македонија и поранешна Југословија. Учествува на три изложби на Биеналето на југословенска скулптура во Панчево (1991. ја добива првата рамноправна награда), на Биеналето на мала скулптура во Мурска Собота (1987), трипати на Биеналето на млади во Риека (1991. ја добива наградата за скулптура), на изложбите “Југословенска Документа” во Сараево (1987 и 1989 година), на изложбите на релевантните тенденции во деведесетите – “Геометрии” (1990., во поголемите југословенски центри), “Почеток на деведесетите – скулптурата” (1990. во Апатин) и други. Во 1996. во Горњи Милановац ја добива специјалната награда на жирито на 4 Меѓународно биенале на минијатурна уметност, а учествува на Меѓународните биеналиња во Мурска Собота (1995), во Цетиње (1997) и 16 Биенале на уметноста во Панчево (2014), како и во Риека на изложбата АРТ – РАТ – ТРАНЗИЦИЈА (2020, пресек на уметночките придонеси во поранешна Југославија).

Застапен е во повеќе претставувања на македонската уметност во странство и други кураторски проекти. Три пати учествувал и бил награден на Биеналето на младите во Скопје, во 1991 година со Гранд – При, а на изложбите на ДЛУМ со наградите за скулптура “Нерешки мајстори” и “Јордан Грабул”.

1992. самостојно изложува во Белград, 1995 година во Брисел, во 1997, 2007, 2008 и 2017 година во Њујорк, во 2006 година во Париз, 2009 година во Александрија, 2018 година во Сараево, а во 1987, 1991, 1993, 1998, 2006, 2009, 2012 , 2018 и 2023 година во Скопје, во Битола во 2021., како и на повеќе групни изложби во земјата и странство.

Павлески е еден од основачите на Уметничкото дејствување во природа – Авторски низ појавното (АнП, 2004 – 2013, претставено во книга АнП 1-5) и се до денес е посветен на таквата идеја и практика, што од 2013 година, со Весна Дунимаглоска и Ѓорѓи Крстески, низ модифициран концепт на проектот, како и зголемена динамика на настаните, го трансформираат во актуелното ^ПАTEMByTheWay – Друштво со ограничена одговорност, партиципативен проект којшто, до сега, е претставен во три книги: ПАТЕМ 2013 – 2016, ПАТЕМ 2017 и ^ПАТЕМByTheWay 2013 – 2023.

Делата на Павлески се застапени во збирките на Музејот на современата уметност во Скопје, во Националната галерија на Македонија во Скопје, во Институтот за старословенска култура во Прилеп, во Народниот музеј во Велес, во Музејот на модерна и современа уметност во Ријека, во колекцијата на Меѓународното биенале на скулптура во Панчево, во Музејот на рударството во Бор, во Интернационалното биенале на минијатурна уметност во Горњи Милановац, како и во неколку приватни колекции во Македонија.

Герил Брутски